„Дијазапам нација“
Дали дијазепамот стана лек или само кратко бегство од се постресниот и неизвесен живот во земјава? Побарувачката за овој седатив се поголема, на дневно ниво се издаваат над 10.000 рецепти. Колку граѓаните ја бараат утехата во лекови за смирување и кои се причините?
Според дел од матичните лекари бројката на издавање рецепти за дијазепам е фрапантна. Најчесто овој лек се препишува за анксиозност, а во земјава има енормно зголемување на анксиозна популација. Дополнително економскиот фактор како доминантна причина придонесува за граѓаните да посегнуваат по дијазепами. Се пијат од две до четири недели, но доктор Ненад Лазаров вели дека нептребно и хронично дел од граѓаните го пијат по 20 или 30 години.
Според дел од психијатрите, во земјава се врши злоупотреба на бензодијазепините, во кои спаѓа и дијазепамот. Истиот се употребува во пократок рок, бидејќи подоцна создава толеранција, но и зависност, но откако на пациентите ќе им се подобри состојбата, потоа на своја рака продолжуваат да го употребуваат. Пациентите од чуство на немоќ подоцна бараат рецепти и од матичните лекари, вели психијатарот д-р. Васка Митова
И покрај тоа што дел од експертите велат дека пандемијата има голем удел во зголеменото издавање на рецепти за дијазепами, и пред пандемијата, односно и во 2015, 2016, 2017, 2018 година статистиките покажуваат дека над милион рецепти конкретно за дијазепами се издадени на годишно ниво.
Со рецепт за само 20 денари, граѓаните можат да купат кутија дијазепам. Со него се справуваат со анксиозност, стрес, несоница, но и како што велат дел од нив, се потешкиот начин на живеење.