Дијалог или нов застој - парламентарните партии не можат да се усогласат околу кандидатот за нов народен правобранител
Институцијата Народен правобранител и понатаму „жртва“ на политички пазар. Консензус помеѓу пратеничките групи нема, а нема ниту кој да ја потпише завршната сметка и да обезбеди плати за вработените, пари за кирии и комуналии.
Проблемот лежи во недостаток на бадентерово мнозинство во Парламентот, вели собранискиот спикер Африм Гаши. Тој ги повикува политичките партии да се договорат и да ја одблокираат работата на оваа институција.
АФРИМ ГАШИ – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕ НА РСМ
- Ги повикувам сите пратенички групи во Собранието да се усогласат околу изборот на народниот правобранител за што поскоро да го решиме ова прашање, иако на денешната координација немаше некоја посебна дискусија за тоа. Мора да се интензивираат преговорите околу оваа тема за да можеме што поскоро да дојдеме до решение, бидејќи ако од почеток ја почнеме процедурата ќе изгубиме уште толку време што не и оди во прилог на институцијата и граѓаните. Штом се постигне договор веднаш ќе свикам седница.
Доколку не се најде политичка волја да се избере народен правобранител, Гаши смета дека треба да се најде алтернатива за други решенија.
Функционирањето на механизмот за заштита на граѓанските права се наоѓа во безизлезна ситуација, откако првиот човек Насер Зибери замина во пензија во јули минатата година. Македонија веќе шест месеци е без Народен правобранител, а изборот на нов е во застој поради Бадентеровото мнозинство, што значи неопходна е поддршка и од ДУИ.
Претходно, Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција е неколку месеци без Омбудсман.
Инаку, станува збор за институција на која главна задача и е заштита на човековите слободи и права, а воедно е и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите.

