Деветнаесет години од загинувањето на Тоше Проески
Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред деветнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Една од традициите за сеќавање на Тоше е маратонот кој маратонците од Нова Градишка го трчаат до Крушево. И оваа година 14 учесници го трчаат 19-тиот маратон во чест на Тоше. Маратонот го почнаа 13 маратонци, а уште еден ќе им се придружи во Македонија. Низ Хрватска ќе истрчаат околу 200 километри, преку Србија ќе поминат со возила, како што налагаат прописите во земјата, а од границата со Македонија до Крушево, македонските маратонци ќе истрчаат уште 220 километри.
Маратонот почна од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, маратонците треба да пристигнат во Крушево.
Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.

