Девет лица одат во притвор, 5 во куќен притвор - одредени мерки на членовите на групата која се гони за злоупотреби на инвалидските пензии и туѓата нега

Девет лица одат во 30 дневен притвор, 5 во куќен, а на девет судот им одреди мерки за претпазливост за злоупотребите со издавањето на инвалидски пензии и помош за туѓа нега.

Како што соопштија од Кривичниот суд, еден од осомничените и натаму не е достапен за органите на спровод. Осомничените се товарат за повеќе кривични дела.

„На 9 лица им се определува мерка притвор во траење од 30 дена, на 5 лица им определи мерка куќен притвор, додека на 9 лица им определи мерки на претпазливост, односно обврска обвинетиот да се јавува во судот или на овластено службено лице, и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.“ - Основен кривичен суд - Скопје.

Инаку обвинителството отвори истрага против вкупно 49 лица, за кои постои основано сомнение дека со низата кривични дела кои ги извршиле нанеле штета на државниот буџет. Истрагата откри две криминални групи - една за постапките за туѓа нега, друга за инвалидски пензии, кои преку разработена шема на примање и давање поткуп правеле злоупотреби во постапката за остварување права за надоместок за туѓа нега и незаконско стекнување право на инвалидска пензија. 

Првоосомничената е поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, а второосомничена е исто така вработена во оваа Клиника и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност односно неспособност за работа. 

Меѓу осомничените се и лекари специјалисти кои биле претседатели на Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница - Велес, од Универзитетска клиника за неврологија - Скопје, адвокат од Велес и службеник од тетовскиот центар за социјални работи.