Детали за акцијата на МВР и ОЈО ГООКК: Уапсени уште 10 лица во акцијата во која беше приведен и Штекли
Раде Трајковски Штекли во рацете на полицијата-осомничен за трговија на дрога и предводник на криминална група. Десет од 14 лица се лишени од слобода кои се сомничат дека членовите на криминалната група подолг период вршеле кривични дела-недозволена трговија со дрога и вршеле дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците.
Еден од осомничените е во притвор, а тројца се во бегство. Одземени пари, дрога, оружје. ОЈОГОКК во соработка со МВР спровеле координирана акција. Одделот за специјални полициски операции извршил претреси на дваесетина локации во Скопје и на една локација во Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се бројни предмети поврзани со нелегална продажба на дрога и наркотични супстанци.
„Постапувајќи по кривичната пријава, поднесена од МВР, надлежниот обвинител издаде наредба за спроведување на истражна постапка против 14 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за 10 лица, еден од осомничените е веќе во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот.“ - ОЈОГОКК.
Од МВР велат дека во текот на вчерашниот и денешниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈОГОКК по повеќемесечно криминалистичко истражување е спроведена координираната полициска акција.
„При реализацијата постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории, издадени од судија на претходна постапка извршени се претреси кај 16 лица на вкупно 21 локација, на подрачје на Скопје и Гевгелија. При претресите пронајдени се и одземени поголем број предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Меѓу пронајдените и одземени предмети се повеќе поголеми и помали пакувања на прашкаста материја. Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против четиринаесет лица до надлешното Јавно обвинителство, а истите ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.“ - Гоце Андреевски-портпарол во МВР.
При акцијата е пронајдено и околу 9 000 евра во готовина, четири возила, 12 мобилни телефони, пиштол, семки и растителна материја со зелена боја, дигитални ваги... Од двете институции велат дека активностите во врска со оваа акција се' уште траат, а јавноста навремено ќе биде информирана во текот на наредните денови.
Раде Трајковски Штекли досега три пати беше мета на напади. Во ТЦ „Ист гејт“ беше пукано во него, во гаражата од возило во движење, вторпат на ескалатор. Додека пак, кон крајот на минатата година, во ноември беше поставена експлозија во неговиот двор во скопска Ќерамидница. Тогаш Трајковски мина со лесни повреди и изгореници по телото. Штекли се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, по првичните сомнежи, но во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и не беше обвинет.