Деспотовски и Петров контра државната ревизија
750 илјади евра не се потрошени само на хонорарци тврди еден од поранешните директори на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски во вчерашното гостување на ТВ 24 одговарајќи на прашања поврзани со извештаите на ревизорите.
Деспотовски вели дека не биле анагажирани само хонорарци туку имало и лица со договор на дело, а исто така биле ангажирани и надворешни соработници. Иако вели точно не може да се сети на сумата сепак категорично отфрли дека целата била потрошена на хонорарци во овој периодот од 2019 та до 2021 како што беше наведено во извештаите .
ТВ 24 го контактираше и другиот поранешен директор Коста Петров.
- Како што е наведено и во самиот ревизорски извештај, ангажирањето на лица е резултат на зголемениот обем на работа на фондот. За време на мојот 14 месечен мандат бројот на апликации се зголеми за 40 %а реализирани беа и 11 рекордни повици. Сите овие апликации мора да се оценат од стручни лица а потоа и од комитетот за одобрување на ивестиции. Тарифникот за надоместокот е донесен со владина одлука а ангажирањето на хонорарци е со претходно одобрение на министерството за финансии. - вели Петров.
ОД Фондот за иновации и технолошки развој пак со сличен став.
- Како што е констатирано во извештајот на ДЗР за периодот 2019-2021 поради зголемениот обем на работа и како резултат на законските измени зголемениот буџет и проширените програми на ФИТР - наведените исплатени сретства се однесуваат на сите надворешно ангажирани лица и експерти во рамките на овој период за напречено извршување на работата на ФИТР. - велат од ФИТР.
Според дописот на ревизорот пак, ФИТР нема извршено ажурирање на Статутот со законските измени кои ги регулираат надлежностите, но и периодот на ангажман на управниот одбор, обрврските и одговорностите на директорот, како и мандатот на Комитетот за одобрување на инвестициите, рокот за донесување одлука од страна на Комитетот и начин на утврдување на надоместок на Комитетот.
„Во услови на недоволен административен капацитет, ФИТР континуирано ангажира надворешни лица кои извршуваат работни задачи поврзани со дејноста, за кои во периодот 2019-2021 година исплатени се средства во износ од околу 46 милиони денари. Ревизијата смета дека ангажирањето на лица со договор за дело и покрај обезбедената согласност од надлежното министерство, придонесува за нетранспарентност и субјективно постапување при склучување на договори и одредување на месечниот надоместок за работниот ангажман на лицата кои се континуирано ангажирани во ФИТР подолг временски период. - велат од Државниот завод за ревизија.
Ревизорите во извештајот исто така тврдеа и дека ФИТР нема направено ниту категоризација на запишаните стручни лица во соодветни секции, а не е формирана ниту Комисија за оценување на стручните лица.