Дескоска: Кривичните постапки за одговорност за злоупотреба на Акмис-системот даваат резултати
Со многу симболика, токму на 23-тиот ден во месецот, Институтот за европска политика го отвори прашањето за преговарчакото Поглавје 23, насловено како „Поглавје 23: Македонското сидро или едро?“
Потсетувајќи дека на неодмна одржаниот виенски економски форум нашата земја е претставена како „успешна приказна“, министерката за правда, Рената Десковска, потсети и на тоа дека Поглавјето 23 е првото кое што се отвора, но дека е поглавје коешто последно се затвора во преговорите со Европската унија.
Говорејќи за досега преземените и завршените активности, како на Советот за реформи, така и на самото министерство за правда, Десковска се осврна на Законот за бесплатна правна помош, за Управни спорови, за академијата за судии и јавни обвиинтели, но и на неодамна донесените Закон за судови и Закон за судски совет.
Министерката Десковска е задоволна од операционализацијата која се врши во моментов, а по констатираните злоупотреби на АКМИС системот. Таа потврди дека веќе се извршени контроли во шест судови во државава и дека контролите потврдиле дека нема злоупотреби на сустемот, односно дека веќе нема делење предмети на рака.
Законот за судир на интереси, односно формирањето на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), според министерката Рената Десковска, е круна на досегашното работење, бидејќи Комисијата, по повеќегодишно неработење, отвора постапки во кои никој не е изземен.
Некако со стартот на преговорите за Поглавјето 23, односно во ноември годинава, земјава ќе биде домаќин на фарум на којшто ќе учествуваат министрите за правда на земјите од Европската унија.