ДЕСФА: Проширувањето на Вертикалниот коридор ја зајакнува регионалната енергетска безбедност
Со учеството на Северна Македонија и Србија, Вертикалниот коридор дополнително се проширува на Западен Балкан, зајакнувајќи ја својата основна улога како регионална енергетска рута која ги поврзува диверзифицираните извори на снабдување со пазарите во цела Југоисточна и Централна Европа, соопшти Грчкиот национален оператор за пренос на природен гас (ДЕСФА), јави дописничката на МИА од Атина.
Вчерашното потпишување на Меморандумот за разбирање во Солун со кое Македонија и Србија и официјално се вклучија во Вертикалниот коридор, доби голема медиумска покриеност во Грција со коментари дека се воспоставува „нов енергетски мост од Грција кон Балканот“, додека пак од ДЕСФА преку соопштение посочуваат дека е „значаен чекор за проширувањето на регионалната енергетска соработка“.
- Проширувањето ја одразува континуираната соработка меѓу компаниите што учествуваат во иницијативата, со поддршка на министрите за енергетика на инволвираните земји, зајакнувањето на безбедноста на снабдувањето, диверзификација на изворите и на рутите за снабдување и зајакнување на регионалната поврзаност. Преку новиот Меморандум, компаниите учеснички дополнително ќе ги координираат развојот и работата на нивните поврзани системи за пренос, фокусирајќи се на оптимизирање на употребата на постојната инфраструктура, идентификување на дополнителните инфраструктурни потреби, зајакнување на можностите за двонасочен проток на природен гас и проширување на прекуграничниот капацитет, соопштија од ДЕСФА.

