Десетици загинати во терористички напад кај аеродромот во Кабул
– Десетици лица загинаа, и најмалку 60 се повредени во напад на аеродромот во авганистанската престолнина Кабул – местото на веќе преполната операција за евакуација на луѓето кои се обидуваат да побегнат од Авганистан, кој е под контрола на Талибанците.
Една од експлозиите се случила на една од портите на аеродромот, а друга во блискиот хотел. Некои светски медиуми синоќа јавија дека дошло и до трета експлозија. Според некои извештаи, цел на третата експлозија во Кабул било возило на талибанците. Покрај тоа, имало и пукање во близина на аеродромот, но не е познато дали има жртви, ниту кој отворил оган.
Генералот Кенет „Френк“ Мекензи, шеф на американската Централна команда соопшти дека во вчерашниот напад загинале најмалку 12 припадници на американската војска, а најмалку 15 биле повредени.
Мекензи информира дека во нападот учествувале двајца бомбаши самоубијци, по што вооружени лица отвориле оган.
Пред вчерашниот напад, последен пат американски војници беа убиени во Авганистан во февруари 2020 година.
Американското Министерство за одбрана потврди дека најмалку двајца бомбаши самоубијци се разнеле во терористичкиот напад на аеродромот во Кабул. По детонациите, голем број борци од терористичката милиција Исламска држава отворија оган врз цивили и војници, рече Мекензи.
Во исто време, Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на аеродромот во Кабул преку својот медиум Амак.
Во соопштението на Исламска држава се тврди дека околу 160 луѓе се убиени или ранети во самоубиствен напад и се наведува дека жртвите се американски сили и други кои соработуваат со нив.
Веднаш по нападот, американскиот претседател Џозеф Бајден одржа итен состанок со тимот за национална безбедност.
– Претседателот се состана со тимот за национална безбедност, на кој присуствуваше и секретарот Блинкен. Ќе продолжиме со целосното известување на претседателот за развојот на ситуацијата, така што врз основа на тоа ќе се донесе одлука за акција, соопшти Белата куќа. Други детали не беа обелоденети.
И британскиот премиер Борис Џонсон свика кризни преговори по големата експлозија на аеродромот во Кабул, соопшти неговата канцеларија.
Џонсон вети дека ќе ги продолжи напорите за евакуација од Авганистан по „варварскиот“ терористички напад на аеродромот во Кабул.
Џонсон рече дека РАФ веќе им помогнал на „огромно мнозинство подобни лица да избегаат од талибанците“ и додаде дека „ќе продолжиме да одиме нагоре до последен момент“, бидејќи рокот брзо се приближува.
Министерството за одбрана соопшти дека засега нема информации за ранети, ниту жртви меѓу припадниците на војската или владата во Велика Британија.