Десет македонски винарници на саем во Дизелдорф
Foto

Десет македонски винарници на саем во Дизелдорф

Македонски вина на 10 винарници од земјава се претставени на меѓународниот саем за вино ProWeine во Дизелдорф, Германија, што се одржува од 17 до 19 март.

На саемот учествуваат ВВ „Тиквеш“, „Сковин“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Езимит“, „Попов“, „Мовино“ и „Имако“, а во фокусот на претставувањето на годинашниот саем е сортата вранец.

Во рамки на саемот македонските винарници организираат специјални дегустации за бројните дистрибутери, увозници и професионални купувачи од целиот свет да ги осознаат уникатните карактеристики на вранецот. Овие дегустации се водени од Каролин Гилби, реномиран вински експерт и еден од најголемите познавачи на вината од земјите на Југоисточна Европа.

Дополнително, посебен дел од македонскиот национален штанд е посветен на оваа сорта, со изложување на 20 различни вина од десетте винарници, со цел да се прикажат можностите и различните стилови на производство. Вината произведени од сортата вранец изложени во специјалниот дел од штандот се организирани во три категории: вина произведени во инокс танкови, вина зреени во дабови буриња и вина создадени со комбинирање на вранец со друга сорта.

-Виното Вранец е наш најголем адут во напорите за градење препознатливост во меѓународни рамки и одвојување од останатите вински региони. Кон тоа придонесува и заедничкиот настап на саеми, со заеднички национален штанд што го посетуваат многу увозници и дистрибутери. Сепак, за етаблирање и препознатливост на македонското вино потребна е поширока стратегија фокусирана на виното како производ со додадена вредност. Виното е меѓу призводите со најголемо учество во бруто домашниот производ што го создава земјоделскиот сектор и непходно е да се посвети поголемо внимание во развојот на винската индустрија, истакна Елена Младеновска – Јеленковиќ, директор на здружението „Вина од Македонија“.

Македонскиот национален штанд и оваа година е финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралиот развој за 2019 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека во рамки на активностите на министерството за промоција на македонското вино на интернационалните пазари поддршка обезбедува и здружението „Вина од Македонија“.

 

0 Коментари

Остави коментари