Депонии наместо паркинг простор, во што се претвораат дел од катните гаражи во Скопје

„Депонии наместо паркинг простор“. Во што се претворија катните гаражи во Скопје? Не е само Катната гаража „Разловечко востание“, во јадрото на Скопје, туку и КГ „Кресненско востание“, „Солунски конгрес“, „Смилевски конгрес“, кои се во државни раце.

Непријатна миризба од отпадоци и измет, остатоци од храна, шишиња и лименки од сокови и алкохол, отпушоци, искористени хигиенски производи, искршен чадор, залутана крпа.. како и натписи „Лифтот не работи“. Во ваква ситуација, изборот на граѓаните, кои ги користат овие гаражи е да одат пеш по обележаните патеки за автомобили.

Од Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, за ТВ 24 со став дека одржувањето на хигиената како еден од принципите за соодветно функционирање на катните гаражи е меѓу основните заложби на нивното Друштво, а ваквата грижа, велат подразбира навремено реагирање на реакциите на корисниците.

- Актуелниот Договор за набавка на услуга за одржување на хигиена за одвоз на смет и снег предвидува редовни акции на чистење во рамки на кои се врши и дезинфекција на сите нивоа (патеките на движење, скалишниот простор, заштитните огради), но согласно потребите, веќе се изготвени нови параметри и насоки за интензивирање на нивната понатамошна динамика. Ова практично значи дека во наредниот период, на секои два дена ќе се спроведува чистење и изнесување на кабастиот отпад, што според нашите проекции ќе биде доволен услов за надминување на актуелната ситуација. - велат од АД за изградба и стопанисување со станбен простор од значење за Републиката-Скопје.

Револтот кај граѓаните расте затоа што тие секојдневно ги користат катните гаражи во градот, за секојдневни обврски, како и за итни ситуации. Велат плаќаат, но не добиваат целосна услуга.

Катните гаражи требаше да го намалат метежот со паркирањето во строгиот центар на градот, но всушност со години имаме нефункционални и ишкртани лифтови, но и отпад насекаде.

Конкретно за КГ „Разловечко востание“, има најмногу реакции од граѓани кои ја користат оваа гаража и се во потешка здравствена состојба, бидејќи истата е во непосредна близина на градската болница. Корисниците не можат да го користат лифтот, а од Агенцијата уверуваат дека процесот ќе се забрза.

- Ставањето во функција на лифтовите во КГ „Разловечко востание“ е меѓу приоритетите на АДИССДП. По поништувањето на претходната тендерска постапка за избор за најповолен понудувач за сервисирање и одржување на лифтови и лифтовски постројки поради неприфатливи понуди, односно превисоки понудени цени. Друштвото распиша нова која е во поодмината фаза, односно во моментов се врши евалуација. - велат од АД за изградба и стопанисување со станбен простор од значење за Републиката-Скопје.

За еден час во овие катни гаражи се наплаќа 50 денари. Месечен надоместок за физички лица изнесува 2 500 денари, додека пак за правни лица 3 000 денари.