Денови на претстави од независна продукција во Драмски театар
Со претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска, во Драмскиот театар во Скопје вечер започнуваат Деновите на претстави од независна продукција.
До 20 септември на двете сцени на театарот ќе се играат претставите од независната продукција создадени во изминатите две години - „Слугинки“, „Криег“, „Folie a Deux“, „Лекција“, „Те чекам“, „Волкот на љубовта“, „Фетишист“, „Хинкеман“ и „Вај-Фај“.
Драмски, како што посочуваат од театарот, ќе биде местото каде ќе се сретнат уметниците што творат и внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во создавање на театарските претстави. Театарот ја повикува својата публика и генерацијата на млади, љубопитни познавачи на дигиталните медиуми да дојдат и да им дадат поддршка на креативните проекти од независната сцена.
-Оваа симбиоза на публиката што ќе ги следат претставите од независната сцена, ќе дадат енергија за нов и динамичен вовед во новата театарска сезона, велат од Драмски.
За гостувањата ќе бидат отстапени сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот, како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
Деновите на независна сцена вечер ги отвора претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска. Во претставата играат: Марија Кондовска, Кристина Гиева, Ванеса Тримчевска.

