Денот на Европа прославен во срцето на стариот континент и во Москва
Foto

Денот на Европа прославен во срцето на стариот континент и во Москва

Европската унија го одбележува Денот на Европа - 9 мај, ден кој го слави мирот и единството на европскиот континент. Ковид мерките го сменија традиционалниот начин на одбележување во Брисел.

Поранешната Отворена врата на институциите на ЕУ, кога граѓаните можеа да ги посетат сите места на политичко одлучување, годинава како и лани ги заменија виртуелните тури во Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Специфичноста на годинашното одбележување е организирање на првиот настан во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, кој се одржа во Стразбур и на кој се обратија францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли. 

„Многу сум среќен што го славиме овој Ден на Европа со заедничка политичка определба. Европскиот модел, нашиот длабок идентитет, е тоа што не одржуваше за време на оваа криза. Ние се спротивставивме заедно, не ги жртвувавме животите на граѓаните за да ја зачуваме економијата. Оваа криза го допре најинтимното во нашите животи. Треба да најдеме колективен демократски здив и долгорочни перспективи со создавање заедничка визија. “ - изјави Макрон.

Европската унија почна да го слави Денот на Европа во 1985 година, во знак на сеќавање на Декларацијата на Шуман од 1950 година, со која се предлага спојување на француската и западногерманската индустрија за јаглен и челик. Денес ЕУ ја сочинуваат 27 земји членки, откако Велика Британија по т.н. Брегзит официјално излезе од Унијата на 1 февруари минатата година. Денот на Европа се прослави генерално онлајн преку најразлични активности со цел да се оддаде почит на солидарноста на многуте Европејци кои помагаат во борбата со корона кризата. Во светот се одбележува и Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна. Во Москва традиционално се одржа воена парада со повеќе од 12.000 војници, како и 76 авиони и хеликоптери. На парадата присуствуваше и рускиот државен врв предводен од претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

„Денот на победата засекогаш ќе остане свет за рускиот народ и нема прошка или изговор за оние кои повторно размислуваат на агресивни планови. Цврсто ќе ги браниме нашите национални интереси за да ја осигураме безбедноста на нашиот народ.“ - изјави Путин.

Денот на победата се слави и низ цела Европа, во спомен на жртвите и крајот на Втората светска војна. 

0 Коментари

Остави коментари