Денес и утре 41. Издание на Макфест во Штип
Штип и годинава ќе биде центар на македонската забавна музика. Денес и утре градот е домаќин на 41. издание на фестивалот „Макфест“.
Повеќе од четири децении фестивалот е место на кое се среќаваат различни музички генерации, се претставуваат нови композиции и се создаваат песни што продолжуваат да живеат и по завршувањето на фестивалските вечери.
Организаторите на денешната прес-конференција истакнаа дека и оваа година на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип ќе се претстават 27 изведувачи, во двете фестивалски вечери. Само вечерва на сцената ќе се слушнат 15 нови композиции.
За реализацијата на „Макфест“ се работи цела година, посочуваат организаторите и со кревањето на фестивалското знаме и официјално почна овогодинешното 41-во издание. Годинава за најслушана меѓуфестивалска песна е композицијата на Лара Иванова.
Овогодишното издание носи нови музички содржини и авторски остварувања зад кои стојат докажани имиња од домашната музичка сцена. Рефрените од новите композиции веќе ја најавуваат музичката понуда на овогодинешниот фестивал, на кој препознатливиот дух на „Макфест“ повторно ќе се сретне со нови идеи, различни стилови и интерпретации.

