Денес е Велика Сабота

Денес е Велика сабота, вториот ден на голема жалост и последен ден од Велигденскиот пост. Според верувањата, Исус Христос овој ден го поминал во Адот (подземјето), па затоа се одбележува во тишина и молитва.

Православната црква верува дека Исус Христос тој ден во гробот бил само со телото, а со духот бил во Адот, односно дека во исто време бил на престолот со Отецот и Духот, со оглед на тоа што Тој е сеприсутниот Бог, неодвоив од другите две лица на Светата Троица.

На тој ден Исус покажал дека дошол крајот на стариот век, кој бил обележан со празнување на саботниот ден, и започнал новиот век во кој се празнува денот на Неговото Воскресение.

Богослужба на Велика Сабота

Богослужба на Велика сабота во поново време не се служи рано наутро, туку на Велики петок навечер. Пред симболичниот Христов гроб, со кадење и држење свеќи, се врши приказ на Христовиот погреб. Со читање на целиот 118/119 Псалм се пеат стихови во кои се слави умрениот Спасител како Воскресение и Живот и се изразува болката, жалоста и тагата на Пресвета Богородица.

Во канонот на Велика Сабота се слави победата на Христос над смртта и за првпат се дознава дека оваа благословена сабота, во која Спасителот лежи мртов, е преблагословена сабота. Во неа Спасителот заспал, со Неговото ветување дека ќе воскресне во третиот ден.