Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“
Foto

Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“

На армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе се реализира Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ и ќе се презентираат офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија.

Како што информираат од Министерството за одбрана, дел од вежбата на Денот за високи гости ќе бидат воздухоплови на Армијата и воздухопловот Б-52 од вооружените сили на САД, специјални сили од Армијата на Република Северна Македонија, вооружените сили на Албанија, Бугарија и САД, како и артилериска поддршка од вооружените сили на Литванија.

На денот за високи гости ќе присуствуваат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на армијата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министри во Владата, в.д. амбасадорката на САД Микаела Швајцер-Блум, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Албанија, Грција и НАТО, како и амбасадори и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Вежбата „Одлучен удар“ е најголемата  досега организирана вежба во земјава во која се вклучени над 2.700 припадници од вооружените сили од Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија. Започна на 5 јуни, а ќе трае до 9 јули.

0 Коментари

Остави коментари