Ден пред бојкотот, маркетите возраќаат со акции и снижени цени

На ден пред бојкотот на граѓаните, дел од маркетите со контра акција, ги намалуваат цените на производите. Дали ваквиот маркетиншки потег на маркетите ќе ги натера граѓаните да се впуштат во пазарење или сепак ќе се случи бојкот? 

Во низата поддржувачи на бојкотот се приклучија и од Комората на занаетчии од каде повикуваат граѓаните да пазарат кај малите занаетчии. 

„Целосно го поддржуваме бојкотот на маркетите, меѓутоа апелираме до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во занаетчиските пекари, други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелиравме и до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти.“ - велат од ЗКРСМ. 

Иван Пешевски од Сојузот на Синдикати на Македонија во Отворено рече бојкотот е првиот чекор со кој би се направиле промени. Според него, државата наместо да поддржува бојкоти потребно е да реагира и да казнува со цел соодветно да се регулира пазарот.

Најавениот бојкот на маркетите утре го поддржаа организации, политички партии, функционери. 

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија, кои исто така дадоа поддршка предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.