Ден по гласањето за уставните измени, Северна Македонија на чекор до НАТО
Foto

Ден по гласањето за уставните измени, Северна Македонија на чекор до НАТО

Неколкупати спомнувајќи го новото име Р. Северна Македонија премиерот Зоран Заев денеска и официјално ја прогласи за успешно завршена и последната фазата од уставните измени а истите веќе денеска ќе бидат објавени и во службен весник. Формално правно земјата ќе го носи новото име откако договорот успешно ќе треба да помине и во грчкиот парламент а истовремено Грција ќе треба ја потпише и ратификацијата за членство на Македонија во НАТО. Потоа треба да бидат известени и останатите земји членки. Во своето обраќање пред медиумите Заев им се заблагодари за соработката на сите пратеници кои ги поддржаа и учествуваа во процесот на изготвувањето на уставните измени.

„Ја чувствувам и ја разбирам и горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство, за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ. За испишување на новата реалност, новата перспектива на Република Северна Македонија, земја членка на европското и евро-атлантското семејство. Ќе пристапиме кон двете најмоќни организации во светот - како полноправна членка, како независна и горда земја.“ - изјави Заев.

За ВМРО ДПМНЕ пак денешниот ден е фијаско за земјава. Лидерот Мицкоски на прес конференција обвини дека токму оваа власт и ова мнозинство се за како што рече еднократна употреба и донесување на одлука со која се менува се што е македонско.

Срамота! Господине Заев, Македонија денес не слави! Македонија денеска е завиена во црно бидејќи Вие продадовте, погазивте и уништивте се. Ова што вие го направивте има само еден збор – Предавство и кариеризам!“ - изјави Мицкоски.

Мицковски ниту овој пат не испушти прилика да побара од понеделник распуштање на законодавниот дом и распишување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските – предлог пак кој Заев истакна оти вреди сериозно да се разгледа во партиските органи бидејќи како што рече добредојдени би биле нови 4 години власт за да се спроведе агендата која би обезбедила евроатланска иднина на земјава.

„Ајде веднаш во понеделник да го распуштиме Собранието  и заедно со претседателските избори да одржиме вонредни предвремени парламентарни избори.“ - изјави Мицковски.

„Сите знаат, знам и јас, знае и господинот Мицкоски тоа што го бара моли Бога да не се случи, но бара првиот човек на опоцизијата, затоа сериозно ќе размислиме.“ - изјави Заев.

Заев одговарајќи на новинарски прашања не пропушти прилика да истакне дека уставните измени како што рече не се донесени на сила со користење на правосудски инструменти како што опозицијата сака да претстави и оти Преспанскиот договор е дело на политичка воља и договор кој земјава успеа да го постигне со Грција. Сепак порача дека сега е време и за внатрешно национално помирување повикувајќи ја опозицијата и натаму да делува критички кон власта и да ја потсетува на нејзините ветувања но како што рече да не прави опструкции кои не се за доброто на земјата.

0 Коментари

Остави коментари