Ден на слободата на медумите - македонските новинари со потпросечни плати и се уште изложени на закани и напади
Со скок од 19 места и позиционирање на 38-то место, според минатогодишниот извештај на Репортери без граници, но и со плати под просечните, небезбедни услови за работа и случаи на закани и насилство врз новинарите, Северна Македонија денеска го одбележува 3 Мај, Денот на слободата на медиумите.
Дали ќе ја задржи 38 позиција и ќе оди нагоре или надолу ќе покаже новиот извештај, но иако во сите релевантни меѓународни мерења е забележан одреден напредок во медиумската сфера, сепак забелешките и загриженоста циркулираат околу високата корупција и неефикасниот правосуден систем, кои продираат во сите општествени сфери, па така го дестабилизираат и амбиентот на целокупното функционирање на медиумите.
Репортери без граници лани ја рангираше земјава на 38 позиција од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите и таа стана најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96).
Но сепак „Репортери без граници“ забележа дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Беше потенцирано и дека продолжува и тенденцијата владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.