Ден на независноста: Пораки на политичарите по повод 8-ми септември
34 години независност на Македонија. Години исполнети со предизвици и историски моменти, подеми и падови кои ја обликуваат иднината на земјата. Одбележувањето почна со почесна артилериска стрелба, продолжи со положување на цвеќе на гробовите на поранешните претседатели на државата и владата и заврши со централна манифестација во Филхармонија..
Од претседателскиот кабинет испратија соопштение..Во писмената честитката до граѓаните. Претседателката Силјановска Давкова, порача дека и по 34 години независност, Македонија се уште се соочува со внатрешни и надворешни притисоци
„Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит“, рече претседателката Силјановска Давкова.
За владата, прашањето за наталитетот е клучно за егзистенцијата, како држава но и како народ. За премиерот, приоритет останува Европската Унија, но патот дотаму, мора да биде достоинствен. Ја повика опозицијата, да почне да работи во интерес на Македонија.
„Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Во исчекување сум, со нетрпение го чекам. Од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели, мора да се прифати се што е на маса, безусловно“, рече премиерот Мицкоски.
Од СДСМ велат – државата не е ничија сопственост. Претседателот на партијата Венко Филипче, ги повика сите политички чинители во земјата да работат во интерес на граѓаните , бидејќи во спротивно, лесно може да се заборави на евроинтеграцијата а Македонија, да се соочи со масовно иселување.
„Сакам да и порачам на власта, ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Повикувам на политичко и државничко освестување. Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии и да не преземаш ништо за тоа. Патриотизам е да помагаш на послабите и на посиромашните, а не да мислиш само на себе и да трошиш од државните ресурси за да нема доволно за граѓаните“, рече Филипче.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, повикува на обединување
„Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации. Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена“, рече Гаши.
Етничко – политички дозирана честитка од првиот човек на ДУИ- Али Ахмети.
„Денес сведочиме заедно дека не само што се враќаме само на истиот наратив, туку и на секојдневни делувања, кои што го поткопуваат соживотот и охридскиот договор, меѓуетничките односи, еднаквоста и досегашните заеднички достигнувања. Моменталните партиски придобивки со антиалбанска кампања претставуваат неуспех за заедничката држава. Партијата добива, државата губи!“, рече Ахмети.
Денот на независноста го честитаа и од коалицијата ВРЕДИ од каде велат дека независноста и еднаквоста се двата столба врз кои се гради заедничката иднина.
„Ова е моментот кога граѓаните на оваа земја го избраа патот на суверенитет и ги поставија темелите на слободна и независна држава. Но нашата современа историја не може да се разбере без да се спомене и Охридскиот договор, кој ѝ даде на државата димензија на еднаквост и ја направи заеднички дом за сите граѓани“, нагласија од ВРЕДИ.
Честитки по повод 8-ми септеври испратија и другите параламентарни партии со повик за единство и обединување

