Ден на мајчин јазик

Во време на разговори, преговори, негации и фусноти, Македонија скромно, во Институтот за македонски јазик го прослави денот на мајчиниот јазик. И на овој ден, власта и опозицијата на одвоени прослави. Едните во Институтот, другите на трибина во Гостивар.

Тивко и без големи прослави помина уште еден 21. февруари - Ден на мајчиниот јазик. Додека власта во Институтот за македонски јазик како претставник ја испрати единствено министерката за култура, Бисера Костадиновска - Стојчевска, ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар со обраќања на лидерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општината, Арбен Таравари.

Професорот по македонски јазик, Људмил Спасов со став - македонскиот јазик е единствен, не смее да има фусноти и дискусии околу него. 

„Тој е јазик на македонската нација. Постои од секогаш и ќе постои засекогаш и постојат луѓе кои имаат чувство дека се македонци, не само во оваа држава, туку и надвор од неа, што впрочем ќе се покаже и од резултатите на пописот.“ - изјави Људмил Спасов професор по македонски јазик.

Цитирајќи го Крсте Петков-Мисирков, Костадиновска-Стојчевска посочи дека сите се должни да го негуваат македонскиот јазик. 

„Чувајќи го јазикот, ја чуваме и татковината. Мајчиниот јазик е ДНК на секој човек. Јазикот е идентитет.“ - изјави Бисера Костадиновска-Стојчевска министерка за култура.

Мицкоски со порака - Јазикот е лична карта на еден народ, пред целиот свет. Трговијата со јазикот, според него, е сечење на столбот на еден народ и една држава.

„Мајчиниот јазик е најважното идентитетско обележје на еден народ и на една култура. Навистина тој е иднетитетот на луѓето или како што Блаже Коневски велеше: „Тој е единствената, неподелена татковина.“ - изјави Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Цитирајќи ги браќата Миладиновци, Таравари на трибината на ВМРО-ДПМНЕ порача: Јазикот е незаменливо средство за да се запознаеме едни со други.

„Сакам да ви кажам еден интересен факт за мојот јазик, албанскиот. Датира како пишан од 1452 година.“ - изјави Арбен Таравари градоначалник на Гостивар.

Денот на мајчиниот јазик се прославува секаде, а на овој ден се одбележуваат над 6.000 јазици колку што се зборуваат во светот.