Ден без автомобили во 13 градови за одбележување на Европската недела на мобилност
Foto

Ден без автомобили во 13 градови за одбележување на Европската недела на мобилност

Со велосипедски дефилеа денеска во Скопје и во уште 12 градови ќе биде заокружена Европската недела на мобилност што се одбележува од 16 до 22 септември. 

Велосипедското дефиле по повод одбележувањето на Денот без автомобили 2019 ќе стартува во 11:30 часот од паркот „Ибни Пајко“ зад Националната филхармонија. Велосипеди ќе возат скопскиот градоначалник Петре Шилегов, в.д. шефот на делегацијата на ЕУ Џулијан Васало, државниот секретар при Mинистерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, повеќе амбасадори, претставници на ЕУ, пратеници во Собранието и ученици од скопските средни училишта.

Велосипедистите ќе се движат по улицата „Филип Втори Македонски“ и булеварите „Гоце Делчев, „ВМРО“, „Партизански одреди“, „Осми Септември“ и „Илинден“. Велосипедското дефиле, на кое можат да се приклучат и сите граѓани, ќе заврши кај Школката во Градски парк, каде во 12 часот ќе почне забавната програма. Повеќе среќни добитници преку лотарија ќе добијат велосипеди, кациги и други додатоци, како симбол на користење на алтернативни превозни средства.

Освен во Скопје, велосипедски дефелеа ќе има и во Велес, Гевгелија, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Струмица, Охрид, Прилеп, Крива Паланка, Лозово и во скопските општини Шуто Оризари и Карпош.

Европската недела на мобилност годинава се одбележува во 2.952 градови во 48 држави во Европа и низ целиот свет.

0 Коментари

Остави коментари