Демографските податоци од осамостојувањето се најзагрижувачки

Три и пол децении по прогласувањето на независноста, се роди една генерација која денес слави 35 години исто колку и самата држава. Среќата и несреќата ни се заеднички. Криминалот и корупцијата, обезвреднет труд и мед од кој пробале само тие кои што го вкусиле останатите во трка со времето. Демографската слика зборува сама по себе– земјата старее, бројот на деца се намалува, а стотици илјади граѓани живеат и работат надвор од државата. 

Кога Македонија ја прогласи независноста во 1991 година, во земјата живееја околу два милиона жители – 2 033 964. Првиот официјален попис спроведен по прогласувањето на независноста на земјата е во 1994 година кога земјата брои 1.945.932 жители.  Денес официјалната статистика покажува значително поинаква слика. Трендот на стареење на населението кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Македонија. 

Во периодот од 1994 до 2025 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години во вкупното население е намалено од 20.2% на 16.2%, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11.7 % на 18.8%. 

Според последниот попис, спроведен во 2021 година, во земјата биле евидентирани 1.836.713 жители, а последната проценка на населението на Државниот завод за статистика, покажува дека на 31.12.2025 година во Македонија има 1 819 074 жители. За десет години бројот на населението во земјата се намалило за 95 813 лица, односно сме изгубиле население колку Куманово. 

За 25 години бројот на ученици во основните училишта е намален за 75.335 ученици, односно за 30,21%. 

Бројот на бракови споредно со 1994 е намален за една третина, додека разводите се зголемиле за над 250 проценти. Тоа значи дека луѓето се потешко се одлучуваат за стапување во брак, а се полесно се одлучуваат да го поништат бракот. 

Од скромни 3.700 денари во деведесеттите, денес просекот се приближува до 50 илјади денари. Но, со вртоглавиот раст на цените за храна и домување, клучното прашање веќе не е колку заработуваме, туку колку реално можеме да купиме со тие пари. 

Во изминатите 35 години пораснаа и цените, особено на домувањето, храната и услугите. Затоа вистинската споредба не е само „колку денари заработувал човек тогаш и колку денес“, туку колку производи и услуги можел да купи со една просечна плата. 

А денес се уште зборуваме за минимална плата за живот и теми кои не мрднале од ветеното, како да сме застанале во обид за изградба на паркинг на клинички, се фалиме со канализација ако направиме, се радуваме на 2 километри асфалт, прогласуваме историја ако набавиме нови контејнери – но како пиреј во процес се уште постоиме за да сведочиме на ветувања со надеж за подобро утре. И да, има убави работи но се засенети од црнилата. Нека ни е честит денот на независноста на Македонија 8 септември