Демири: Ќе помогнеме да се покријат трошоците за лекување на Леонид во Виена, системско решение по изборите
Министерот за здравство Илир Демири разговарал со семејството на 18-годишниот Леонид. Тврди дека Владата ќе најде решение за да му се помогне не само на него туку и на секој пациент кој има потреба, но за системско решение вели дека во предизборниот период не може да се најде.
„Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство“, вели Демири .
Владата го стави на дневен ред случајот со 18 годишното момче по бурните реакции во јавноста откако Фондот одби да му помогне на семејството со образложение дека за медицинска рехабилитација не се покриваат трошоци. Но, со истите проблеми како Леонид се соочува и семејството на 19 годишниот Јани, кој се лекува во Грција со помош на донации.
Неговиот татко вчера преку видео порака побара од надлежните институции да се преиспита и случајот со неговиот син, за кој како што вели нема услови за третман во македонските болници.
И додека се бара системско решение, голем дел од овие пациенти остануваат да се надеваат на хуманоста на граѓаните, кои пак масовно се организираа за да донираат средства преку бројни хуманитарни акции.