Делумна смена во комисиите и со Бугарија и со Грција Габер молчи, Георгиев не коментира

Кадровска чистка во историските комисии со Бугарија и Грција – Тимчо Муцунски разочаран од претседателот на комисијата со Бугарија, вели политички се профилира, Драги Ѓоргиев му порача дека нема да коментира неаргументирани изјави.

Без да открие повеќе детали, шефот на дипломатијата порача дека кадровски промени во комисиите ќе има, но нема да бидат целосни за да има континуитет во работата. Муцунски вели, уште на стартот од неговиот мандат инсистирал средба со двајцата претседатели на комисиите - амбасадорот Виктор Габер кој раководи со комисијата со Грција и професорот Драги Ѓоргиев – претседател на комисијата со Бугарија.

Тимчо Муцунски МНРНТ - Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник кој е коректно платен од страна на државата да си ја врши својата работа како се обидува себеси политички да се профилира и додека е во тековен мандат како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат и надворешно – политичките позиции на државата. Ние политичарите, министрите, имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве.

Телевизија 24 го побара претседателот на комисијата со Бугарија, професорот Ѓоргиев, да одговори на прозивката на Муцунски дека политички се профилира. Кратко одоговори дека нема да коментира неаргументирани изјави. Амбасадорот Габер, пак остана недостапен за одговор - што реферирал пред шефот на дипломатијата.

Владата во изминатиот период покажува отворено незадоволство од работата на комисиите со Бугарија и Грција. Конкретно премиерот Мицкоски порача дека

дека актуелните членови на комисијата со Бугарија не ги штителе националните интереси. Телевизија 24 го контактираше Петар Тодоров, член на комисијата со Бугарија, кој порача дека ваквите изјави се неодговорни, а интелектуалците треба да бидат гласни и критични.

Петар Тодоров, член на Комисија за историски и образовни прашања со Бугарија - Ваквите изјави и пораките на Претседателот на Владата и неговите министри ги сметам крајно неодговорни кои на долг рок можат да имаат штетни последици по нашето општество. Со нивните неаргументирани и без докази поткрепени изјави се компромитира Комисијата и нејзините сегашни и идни членови. Комисијата е и треба да остане експертско тело кое ќе нуди решенија за надминување на политичкиот спор помеѓу двете држави, а не тело кое ќе нуди решенија за легитимирање на одредена политичка партија и нејзините интереси кои ни ги претставуваат како државни или национални.

Комисијата со Бугарија во последните две години нема значителен напредок- последните препораки беа објавени во август 2022. двете комисии - со Бугарија и Грција се резултат на Договорот за добрососедство и Преспанскиот Договор.