Делата „Градината на китот“ и „Која е бојата на бакнежот?“ преведени на македонски јазик
Foto

Делата „Градината на китот“ и „Која е бојата на бакнежот?“ преведени на македонски јазик

„Градината на китот“ од холандскиот писател Тон Телеген и „Која е бојата на бакнежот?“ од шпанската авторка и илустраторка Росио Бониља, како дел од едицијата „Магични приказни“, поддржана од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, неодамна на македонски јазик ги објави Издавачкиот центар ТРИ.

– Раскажана во ритамот на новите басни, „Градината на китот“, во превод на Ели Пујоска, е приказна за желбата на еден кит да ја победи осаменоста. Тој преку писмо го замолува својот малечок пријател скакулец дрводелец да му помогне. Но како? Скакулецот веднаш скокнува на помош. Пристигнува со своето бротче натоварено со дрвја и цвеќиња, мала клупа и реквизити за одмор и – набрзо грбот на китот станува прекрасна градина! Приказна за чудесните пријателства и надминувањето на разликите и осаменоста, за меѓусебната грижа и чувствените длабочини од морскиот свет. За храброста да се биде поинаков, но и еднаков со сите, кога срцето е среќно и отворено за прифаќање на различностите, наведуваат од ТРИ.

„Која е бојата на бакнежот?“, што  е преведена на македонски јазик од Ненад Велковски, е илустрирана сликовница која на едноставенначин ја доловува креативната сила на децата и вечните прашања што тие ги поставуваат.

– Шетајќи нѐ низ цртежите со главната хероиња Минимони, „Која е бојата на бакнежот?“ се доживува како мал филм меѓу две корици. Учејќи ги децата на омилените и на не толку пријатните нешта околу нив, преку нивните бои и форми, оваа книга е одличен пример за поттикнување на детската фантазија. Со прекрасни илустрации и нежност во описите, оваа интерактивна сликовница е уште едно мало богатство за едукација и креативно изразување на сите деца, истакнуваат од ТРИ.

0 Коментари

Остави коментари