Дел од студентите го кренаа гласот - протест пред Собранието, средба во Собранието
Зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно, реконструкција на студентските домови чии услови се лоши, изедначување на стипендиите и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата се барањата на студентите кои протестираат и го блокираат сообраќајот пред Собранието.
Таму за попладнево е закажана средба, затворена за медиумите, меѓу студенти – претставници на студентски универзитетски собранија во земјава, пратениците кои предложија нов Предлог-закон за студентски оброк и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
- Бараме да се зголеми субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно. Со фактот што Македонија доживува одреден степен на инфлација, потребна е поголема финансиска и мотивациска поддршка на студентите. Реконструирање и реновирање на студентските домови – бидејќи во добар дел од нив условите се катастрофални и нечовечки. Потребно е и изедначување на стипендиите и оние студенти кои земале помала, сега да ја земаат поголемата стипендија. Исто така, многу важно барање е изземање на студентите од антикризните мерки на Владата затоа што државата не треба да штеди на студентскиот грб, изјави студентот Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип пред почетокот на средбата во Собранието.