Дел од старата архитектура во државата пропаѓа, грижата за заштита на куќите врз грбот на сопствениците

Сложени процедури, бавни институции и државна негрижа. Старата градска архитектура со години пропаѓа. Државата не одвојува доволно пари, па целиот товар околу грижата за куќите заштитени како културно наследство паѓа на грбот на сопствениците.

Голем дел од нив се откажуваат уште пред да почнат со план за реконструкција, други на тоа ги принудува системот.

А  токму бирократските процедури веќе ги избришаа четирите куќи  што општина Штип ги доби на подарок од кардиохирургот Жан Митрев. Купот даски сега се заканува и на околните куќи. Од штипскиот музеј велат се прави валоризација и во цело Ново село нема да може никој да гради на своја рака. Така ќе се штити старата архитектура. За тоа или ќе платат сопствениците или ќе се бараат донации.

Од Министерството за култура прознаваат дека институциите се бавни, но очекуваат и поголема вклученост од општините.

Еден од  предлозите на сопствениците на куќите заштитени од државата како културно наследство е да се формираат посебни фондови, кои финансиски ќе им помагаат во чувањето на автентичниот изглед, но и да се направат законски олеснувања за оние кои ќе сакаат да ги реконструираат овие објекти.