Дел од лозарите се закануваат со протести, министерот Хоџа ги обвинува за политички интереси

Политички профит врз грбот на лозарите. Ова е ставот на министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, откако во саботата, незадоволни од односот на најголемата визба Тиквеш, лозарите од тиквешијата го истурија и грозјето и гневот врз кавадаречката винарија. Хоџа тврди дека минатата среда бил постигнат договор за откупна цена со винариите. Но според него, тоа некому не му одговарало, па, како што вели, инсценирал протести, за да се прекине откупот.

Лозарите велат дека секој ден за нив е загуба, оти грозјето се уништува, стоејќи во тракторите. Дано Јошев од здружението Тиквешки лозаро-овоштари тврди дека и денеска винариите тактизираат и не го откупуваат грозјето, иако цената била договорена уште минатата недела.

Лозарите се жалат дека откупната цена од 8 денари, која на дел од нив им била понудена, ги довела во ситуација да го истурат грозјето пред најголемата винарија Тиквеш. Од друга страна, министерот Хоџа вели дека откупот на грозјето ќе тече непречено и очекува сите винарски визби да ги почитуваат договорените цени - 11 денари за смедеревка и 13 за вранец. Лозарите дадоа рок до утре да се реши проблемот. Во спротивно, најавуваат протести пред Влада.