Дел од граѓаните собираат донации, владата апелира дека целото лекување е покриено
115 пациенти повредени во катастрофалниот пожар во Кочани се лекуваат надвор од земјава. Благица Станојевиќ чија роднина е хоспитализирана во една од болниците во Белград за Телевизија 24, раскажува дека здравствената состојба на нејзиниот близок се подобрува.
Секојдневните брифинзи на докторите говорат дека и останатите 30 пациенти кои се лечат во Србија, се опоравуваат и се надвор од животна опасност. Семејствата на повредените се надеваат дека нивните роднини што поскоро ќе биде вратени во земјава.
Од Министерството за здравство, информираат дека се завршени упатувањата на пациентите во странство. Од одредени држави пак веќе има и најави за враќање на повредените во земјава.
„Веќе од овој состанок зборувавме за враќање на пациенти, од одредени држави има најави за враќање, ќе подготвиме протоколи и ќе бидат тука прегледувани пациентите, по што тие што се во добра состојба може да се пуштаат дома. Следниот предизвик со кој ќе се соочуваме се инфекциите, ќе бидеме максимално внимателни да превенираме се што можеме за да нема компликации, рече министерот.
Од Владата и денеска повторија дека лекувањето на сите пациенти ќе биде целосно покриено од државата, а помошта на семејствата чии роднини беа повредени во пожарот ќе продолжи.
„На сите пациенти лекувањето ќе им биде обезбедено од државата. За сите ќе обезбедиме се што е потребно за здравствената нега. Дополнително на сите членови на семејството ќе им биде обезбедена помош за сместување и превоз во местата каде се лекуваат наши граѓани. Финансиска поддршка од 150 илјади денари за секое семејство засегнато во ужасната несреќа, за покривање на тековни дневни најитни трошоци, но ова нема да биде еднократна помош. Членови на црвениот крст, службата за општи и заеднички работи на секои три часа контактираат со семејствата, да проверат што им е потребно. Правиме се што можеме и апелираме да не се споделуваат шпекулации.“ - Марија Митева портпаролка на Влада..
Најголем број од пациентите се хоспитализирани во околните земји Србија, Бугарија Грција и Турција. Останатите се лекуваат во уште 10 европски земји.