Дел од договорот со “Бехтел и Енка“ - пред уставните судии
Уставен суд не поведе постапка за поднесената иницијатива за коридорите 8 и 10д од страна на адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп. Стеваноски смета дека дел од законското решение со кое се овозможува изградба на автопатските делници, содржи одредби со кои се нанесува штета на граѓаните кои живеат во Ореовец, каде веќе имаше протести поради зафатите за истражувања и ископи.
Адвокатот во иницијативата посочува дека без дозвола не може да се истражува и експлоатираат минерални суровини и без физибилити студија која ќе го покаже влијанието врз животната средина. Судијката Ана Павловска Данева која работеше на предметот, смета дека вакви предмети бараат посебен правен режим и било потребно да се изработи конкретен правен акт, но беше надгласана. Уставен суд излезен со официјален став.
- Судот во тој предмет утврди дека законот во целост е во согласност со уставните одредби со кои беше оспорен од подносителот на иницијативата, односно Судот го имаше предвид фактот дека кога станува збор за предмети од стратешка важност кои се утврдени со закон, дел од постојната регулатива во целост или делумно нема да се применува за да се олесни реализацијата на стратешкиот проект, што значи Законодавецот има право и овластување со законски измени во повеќе закони да воспостави нов правен режим за такви проекти чија стратешка важност и јавен интерес е претходно утврден во законскиот интерес за градби. - Уставен суд.
Подносителот, адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, во телефонски разговор за Тв 24 вели дека се прави огромна штета на локалитетот Ореовец. Според Стеваноски, објаснувањето е штуро на Уставниот суд и смета дека судот не навлегол подетално во суштината на прашањето.
Владејачката и опозициските партии пак, вчера се дообјаснуваа за коридорите 8 и 10д. Изградбата на патната инфраструктура со децении се анализира и е причина за политички препукувања, а граѓаните се жртва. Пред два дена, според власта беше историски ден, реален почеток на работите и остварување на сон, вака се оцени почетокот на изградбата на автопатот Гостивар - Букојчани, дел од коридорот 8, кој го гради „Бехтел и Енка“.
Проектот на Коридорот 8 вклучува изградба на шест ленти, три мостови и помошен пат. Но, еден од главните проблеми е бавната експропријација на земјиштето. Четирите автопати дел од коридорите 8 и 10д, дел од договорот со „Бехтел и Енка“, со должина од 110 километри, треба да се завршат за 4 години, а во вредност од 1,3 милијарди евра.