Деканот на Градежен факултет - Горан Марковски кандидат за градоначалник на „Независни заедно“

Деканот на градежен Горан Марковски е кандидатот за градоначалник на Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно“. Професорот ќе настапи како независен, а неговата кандидатура е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените од Гази Баба“ и „Групација 389“.

Тој ќе им се спротивстви на Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ и Амар Мециновиќ од Левица кои веќе ги објавија своите кандидатури. Најавувајќи промотивна прес конференција за утре, трите граѓански иницијативи го опишаа професорот Марковски како истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје.

- Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот.

Претходно, платформата која ги обединува независните советници во неколку скопски општини, ја објави кандидатурата на поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска за прв човек на Општина Центар. На неполни два месеци до локалните избори, партиите се уште не ги отркриваат сите адути. Иако ги објави кандидатурите за 40 градоначалнички позиции, владеачката ВМРО ДПМНЕ се уште тактизира за останатите 40 места, меѓу кои и Кочани. Од десетте скопски општини, кандидатури се објавени за половина.

Владеачката партија се уште размислува за кандидатот за една од најатрактивните скопски општини – Центар, но и за некои поголеми градови во кои и досега имаа свои градоначалници. Слично е и кај опозицискиот СДСМ. Иако тие објавија 47 имиња, меѓу кои за шест скопски општини и за голем дел од големите градови, слично како и ВМРО ДПМНЕ, немаат објавено кандидат за Кочани, а се уште тактизираат за Велес, Тетово, Гостивар, Гевгелија. Најголемото изненадување доаѓа од градот на екс лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Таму извиси досегашниот градоначалчник Костадин Костадинов и на него место е кандидиран општинскиот партиски лидер Маријан Даскаловски. За разлика од најоглемите партии, Левица засега малку открива, па освен кандидатурата на Амар Мециновиќ за Скопје, речиси и да нема информација за други кандидати. Тесна битка ќе се бие и во албанскиот блок, а една од најинтересните се очекува да биде онаа за скопски Чаир помеѓу Бујар Османи од ДУИ и Изет Меџити од Вреди.