Дејан Јованов Деко останува во притвор
Кривичниот суд определи 30 дневен притвор за Дејан Јованов, од затворот во Куманово оди затворот во Шутка. Јованов е осомничен во новоотворената истрага за „давање поткуп“. Според ОЈОГОКК, тој дал поткуп на службено лице од Министерство за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека „Пулс“ не исполнувал законски услови.
За вакво кривично дело законот предвидува казна затвор од една до десет години. Триесетдневниот притворот е определен поради постоење опасност од бегство и влијание врз сведоци. Со оглед дека мерката притвор за предметот поврзан со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ истекува утре, веднаш потоа започнува да се извршува новата мерка.
Кривичен суд Скопје
„Во новоотворената истрага, за која е предложен притворот, Д.Ј. е осомничен дека сторил кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик. Имајќи предвид дека осомничениот, мерката притвор, определена во предметот „Пулс“, ја издржуваше во КПУ Затвор Куманово, со оглед да првично му беше определена од Основниот суд Кочани, сега истиот ќе биде префрлен на издржување на ново определената мерка притвор во Затвор Скопје, согласно Правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство.“
Обвинителството даде негативно мислење за гаранцијата од скоро 200 000 евра која ја понуди Дејан Јованов за предметот за пожарот во „Пулс“. За Обвинителството гаранцијата се состои во ставање хипотека на недвижен имот кој при евенуална употреба тешко може да биде впаричен и не е во износ од извршената проценка.
Основно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција
„Изјавата со која се дава согласност понудениот имот да биде даден како гаранција обвинетиот Дејан Јованов ја дал иако бил свесен дека дел од понудениот недвижен имот е предмет на извршување, па ниту може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен. Освен тоа, понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде впаричен, а секако не во висина на износот на кој е проценет.“
Одбраната на Јованов, Ивана Коцевска вели дека воопшто не е изненадена. Вели доказите располагало со овие докази уште пред година ипол и ги држеле под маса. Според Коцевска, ова е конструкција на Обвинителството за да се продолжи притворот на Јованов.
Ивана Коцевска-адвокатка на Дејан Јованов
„Ова е тотална злоупотреба на правата на обвинетиот и јас тука во овој конкретен случај не барам никаква привилегија, туку барам сите подеднакво да се третираат пред зкаонот. Вознемирена сум премногу, ова е крајно безобразно од нашите органи, не само што тука се загрозува неговиот живот, имаме еден човечки нехуман третман кон него тука може секој од нас да се најде. Таквата конструкција и манипулација на Обвинителството со поднесување на ова обвинение за коешто во кочанскиот предмет веќе е дел од расправата. За службеното лице од министерството за економија во кочанскиот предмет во обвинението е ставено кривичното дело „примање на поткуп“. Ова давање на поткуп е во однос на истиот настан кој е опфатен во таа постапка.“
Во однос на гаранцијата за предметот за пожарот, од Кривичниот суд велат дека денеска е повлечена. Адвокатката на Јованов, Коцевска посочи дека повторно ја предложила и побарала куќен притвор поради здравствената состојба, но не било земено в предвид.

