Дечиња во училиште во населбата Хром настава седат во двојно помали училници, поради реконструкција во зградата
Foto

Дечиња во училиште во населбата Хром настава седат во двојно помали училници, поради реконструкција во зградата

Во преградени и двојно намалени училници - дел од учениците во време на пандемија ја следат наставата во О.У. Димитар Поп Георгиев Беровски, во населбата Хром.

Причината се градежни работи и поправки во училиштето, но во такви услови е речиси невозможно да се применат макар и дел од Ковид протоколите. Родителите реагираат дека во услови на епидемија, каде што треба да има максимално растојание помеѓу учениците, тие се затворени во двојно помал простор по неколку часа.

- Годинава вторачињата учат во училници кои се на половина од стандардните училници и во простор од околу 20 квадрати се образуваат 20-25 дечиња секојдневно. Протоколите за одржување дистанца е невозможно да се запазат во ваква просторија и ние родителите се прашуваме до кога наставата ќе се одвива во вакви услови и како да го заштитиме здравјето на дечињата за време на оваа пандемија. - вели родител на ученик во О.У. Димитар Поп Георгиев Беровски, населба Хром.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека ќе биде известен Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ја провери ситуацијата во училиштето, дали се кршат ковид протоколите.

Од општина Ѓорче Петров велат дека се запознаени со ситуацијата, но велат дека тоа е поради градежните активности кои се вршат во училиштето, односно неговото проширување.

За тоа кога ќе биде готова доградбата, топката ја префрлаат на МОН, бидејќи ресорното министерство ги обезбедува финансиите. 

Од МОН до емитување на овој прилог не добивме одговор кога е предвидено да завршат градежните работи во училиштето.

Директорката на училиштето не одговори на нашите повици, за тоа дали можеби се размислува да се воведе онлајн настава за дел од учениците на ова училиште, доколку се оцени дека додека се доградува училиштето, учениците немаат соодветни услови да посетуваат настава со физичко присуство.

0 Коментари

Остави коментари