Децении на анализа, фрлени милиони и егзодус на лекари: Кичевчани и понатаму фантазираат за новата болница 

Ветувањето за изградба на новиот објект на кичевската болница сè уште нема конкретен рок - ниту за почеток, ниту за финиш. И покрај тоа што надлежните уверуваат дека парите се обезбедени, проектот и понатаму се наоѓа во вечната фаза на „анализа“.

Прашањето кога машините конечно ќе излезат на терен и ќе започнат со подготовка за градежни активности останува без конкретен одговор, што значи дека граѓаните на Кичево, дури и по четири децении празни ветувања, остануваат препуштени и понатаму да фантазираат за модерни и достоинствени здравствени услуги. ​Но, новиот министер за здравство Клековски уверува дека овојпат како власт се посветени ветувањето да биде конечно остварено.

Но, градежниот застој е само половина од проблемот. Паралелно со него Кичево се соочува и со загрижувачки егзодус и дефицит на стручен кадар. И оние малку лекари и медицински сестри кои останаа да работат во застарениот објект, прекумерно се исцрпуваат за да ги покријат дупките во системот. Без нови специјализации, без стимулирачки услови за младите лекари и без системска стратегија за задржување на персоналот, се поставува логичното прашање: Дури и ако утре да се изгради новата зграда, кој ќе работи во неа?

Идејата и првите градежни работи за новата болница датираат од средината и крајот на 80-тите години на минатиот век. Проектот беше замислен како модерен регионален здравствен центар.Во текот на изминатите четири децении беа потрошени милионски суми од државниот буџет за изградба на објектот.

Меѓутоа, поради лошо планирање, недостиг на континуирано финансирање и промена на здравствените стандарди, изградбата заглави на ниво на карабина. Со текот на времето стана јасно дека старата бетонска конструкција е застарена и не ги исполнува современите стандарди за изградба на медицински установи. Голем дел од потрошените средства во минатото се покажаа како залудно фрлени пари бидејќи објектот бара комплетни препроектирања и нови технички решенија.

Речиси сите претходни министри за здравство,најавуваа средства, кредити од меѓународни институции или нови тендери. И покрај новите најави за обезбедени финансиски средства и планови за целосна реконструкција и нов пристап, конкретниот почеток на теренските работи и крајниот рок за пуштање во употреба сè уште не се прецизно дефинирани.