Децата кои примиле три дози ќе може да одат во градинка
Децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината ќе може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци. Растојанието помеѓу третата и четвртата доза се намалува на шест месеци, по препорака на лекарите и поради епидемијата во Скопје.
Комисијата за заштита од заразни болести ги ублажи мерките, откако контролите покажаа дека речиси половина од децата во скопските градинки се невакцинирани или нецелосно вакцинирани.
- Имаме разбирање и научна поткрепа дека овој малку олабавен начин и проценка на имунитетот со трите дози помага, но не знам до кога ќе остане, затоа што сега имаме над 170 заразени во Скопје и над 200 во држвава и веројатно тој број понатаму ќе расте, можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки, се зависи од развојот на ситуацијата. - вели проф. д-р Александар Петличковски претседател на Комисија за заштита од заразни болести
Сепак, и покрај олеснувањето на мерката, лекарите потенцираат дека детето нема да има целосен имунитет само со трите дози од вакцината и нагласуваат дека родителите треба да го следат календарот на имунизација и според него да ги вакцинираат децата.
- Под ризик ќе бидат доведени и возрасните, дете кое што ќе биде вака вакцинирано со три дози ќе биде заштитено но оптимално и далеку од тоа што треба да се постигне со три дози и две ревакцини и тоа дете понатаму треба да го сметаме да може да функционира но да знаеме дека епдиемијата на тој начин чќе добие и малку продолжен тек, затоа апелираме до родителите. - вели проф. д-р Александра Грозданова претседателка на Национален комитет за имунизација.
Епидемиолошката состојба со пертусисот не е стабилна. Бројките на заразени и натаму растат и се очекува тој тренд да продолжи. Освен со ДиТеПер, алармантно низок е и опфатот со МРП вакцината.
Од комисијата велат ќе бараат од градинките поригорозни проверки на вакциналните картони, а во проверките да биде вклучена и вакцината против морбили, со оглед на тоа што дел од земјите во регионот прогласија епидемија на морбили, а истото и се заканува и на Македонија, поради ниската стапка на вакцинација.