„Деца го преземаат Собранието“ децата говореа од говорница, а пратениците слушаа
Децата денеска го преземаа Собранието. По повод Светскиот ден на детето, на собраниска седница петмина говорници - деца, говореа за потребата од квалитетно образование, состојбата со менталното здравје кај децата и младите и учеството на младите во креирањето политики.
На настанот се обратија и претседателот на Собранието Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани.
Оваа година се одбележува 30 годишнината од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето од страна на Република Северна македонија и 30 –годишнина од работата на УНИЦЕФ во земјата.
Истражувањето „Правата на децата во нашите училишта“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Народниот правобранител и Министерството за образование и наука (МОН), покажа ниска довербата на учениците и родителите во стручните служби во училиштата.
Преку анкетата со три фокус групи биле опфатени 648 ученици од 75 основни училишта од седмо до деветто одделение, 325 наставници од предметна настава од 79 училишта од 39 општини и 541 родител.
„Најголем дел од учениците (32,9 отсто) и мнозинство родители (68,4 отсто) имаат најмногу доверба во одделенскиот раководител и кај него прво би се обратиле во случај на повреда на некое право на детето, по што следува директорот на училиштето, а на трето место според степенот на доверба се стручните служби“, стои во истражувањето од Народниот правобранител.
Во однос на ученичкиот правобранител како механизам за заштита на правата на детето во училиштето, загрижува податокот, вели анализата, дека мнозинството ученици (60 отсто) изјавиле дека во нивното училиште нема, или не знаат дали има ученички правобранител. Спротивно на ова, 79 отсто од училиштата што биле вклучени во истражувањето во 2021 од Народниот правобранител, изјавиле дека имаат воспоставено ученички правобранител.
Истражувањето покажало дека постои насилство во основните училишта, што го потврдуваат 43,4 отсто од учениците, додека наставниците, иако во помал дел, сепак потврдуваат дека насилството е присутно во училиштата.
Целта на одбележувањето на Свесткиот ден на детето е да се сврти вниманието на широката јавност на сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои децата се соочуваат.

