Деблокирање на медиумските реформи бараат новинарските здруженија
Foto

Деблокирање на медиумските реформи бараат новинарските здруженија

Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, како и Македонскиот институт за медиуми денеска ги повикаа претседателот и членовите на собраниската Комисија за избори и именување да го почнат процесот за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија. Во заедничко соопштение наведуваат дека се сериозно загрижени поради целосниот застој на постапката за избор на членовите, нагласувајќи дека секое попречување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на медиумските реформи во државата.

„Укажуваме дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор. Медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската Комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност.“ - велат од ЗНМ, СЕММ, ССНМ и МИМ.

Спроведувањето на медиумските реформи се закочени подолг период, поради што, Бојан Маричиќ, советникот на премиерот Зоран Заев, синоќа во Анализа на Телевизија 24 повторно го праша пратеникот Илија Димовски кој воедно е и претседател на собраниската Комисија за избори и иманувања зошто не ја закаже седницата на Комисијата за избори и именувања, за да започне постапката за јавен и транспарентен избор на члeнови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и членови на Програмскиот совет на МРТ. 

Инаку, конкурсот беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори.

Десетина познати новинари и медиумски работници, неколку професори и двајца поранешни лустратори се дел од вкупно 28 лица што се пријавиле на конкурсот за седумте места во новиот состав на Советот на АВМУ.

0 Коментари

Остави коментари