Дебата во СТУДИО 10: Самитот на ОБСЕ е многу значаен за нас, ние сме земја која секога испраќа пораки за мир
Можеби е несреќно што самитот на ОБСЕ се одржува во економска криза, а Македонија е сиромашна земја, и ова ќе го оптовари буџетот. Но, за нас е многу значајно да покажеме дека една мала држава може да организира олку голем настан кој е во функција на унапредување на демократијата и барањето на мировни решенија за конфликтните ситуации во светот. Мене ми е жал што делегации се откажаа од присуство поради доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оти сите конфликти на крајот завршуваат на зелена маса, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Реално беше стравувањето дека ОБСЕ може да згасне и среќа е што Малта се согласи да биде претседател на организацијата во следниот период. Македонија има голема корист од ОБСЕ и добила повеќе средства одошто ќе потроши за организација на оваа конференција. Оваа средба е неспоредлива со ниедна претходна. Се подготвува веќе цела година и мислам дека се ќе помине во најдобар ред, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Граѓаните треба да се чувствуваат безбедно оти полицијата има распоредено доволен број полицајци и територијата и делегациите се обезбедени. Вклучени се сите оддели за обезбедување и соработуваат со обезбедувањето на ВИП личностите. Сепак, ние сме должни за безбедноста на секоја од личностите од секоја од делегациите, објаснува Дујовски.
- Бенефитот за нас е што сме земја која секогаш барала мир и никогаш не била агресор и тоа е добра порака сама по себе. Ние сме биле и домаќини на мировни договори и сме постигнувале мировни договори за нас. Доаѓањето на Лавров сепак можеби е најава дека би можело наскоро да има почеток на преговорите за постигнување мир со Украина, вели Марковска.