Дебата во СТУДИО 10: Македонија денес треба да молчи, но одговорност мора да има

Не очекувам да се одржи лидерска средба, очекувам Владата да си поднесе оставка и ова не го кажувам политички, го кажувам како човек кој е длабоко потресен од убиствата на двајца невини граѓани, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

- Минатата ноќ целата нација не можеше да спие, не очекувам оваа трагедија да се користи за политички цели, а апелирам институциите да го разрешат случајот и врз виновните да се применат најдраконски казни, рече Мартин Костовски пратеник од СДСМ.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова изрази сочувство до семејствата на жртвите и апелира да се престане со политиканство и да се остави на истрагата да го реши злосторот, а медиумите да внимаваат што објавуваат затоа што тоа го следат и семејствата на жртвите.

- Мора да се внимава кој се може да формира политичка партија во државата, застрашувачки е што такви луѓе имале политичка моќ да влијаат врз други луѓе, рече Зајкова.

- Од самиот почеток на случајот, кога дознавме за грабнувањето на Вања, како партија и јас како човек апелирав да не се политизира и девојчето да се најде. Не вмешавме политикантство. Но, во ситуација кога во злочинот е вмешано лице кое имало можност да влијае врз јавното мислење преку портали и политичка партија, тоа мораше да се објави вчера вечерта а не да се чека истото што се знаело и вчера да се објави денеска. Не очекувам морална одговорност да почувствуваат, но политичка одговорност мора да понесат, вели Митева.

- Да користиме политички вокабулар во момент на ваква трагедија не ни доликува. Мислам дека денеска Македонија треба да молчи. За вакви монструозни дела, јас се залагам за враќање на смртната казна. Повикувам овие денови да размислиме, да не повикуваме на одговорност на институциите. Вакво нешто не ме виделе - татко да биде вмешан во убиството на сопствената ќерка, вели Костовски.

- Сме имале ваков случај во 1989 година со малата Биљана Србиновска која беше и сексуално злоупотребена на возраст од само 10 години. Праксата познава вмешаност на родителите за материјална корист, сме биле сведоци кога родители ги продавале своите деца. Тука мерки треба да преземаат социјалните служби кога станува збор за дисфункционални семејства и семејства на разведени родители. Во овој случај мислам дека полицијата направила максимум за разбивање и отворање на осомничените лица кои посочиле што и како било направено и каде се наоѓаат телата на жртвите. Можеби ликвидацијата на девојчето се случила кога таа имала можност да ги види и да ги препознае. За да ја остварат изнудата на пари жртвата морало да биде жива, но поголема била опасноста за нив ако таа можела да ги препознае. Обвинението може да се проширува дури и за време на судењето. Целиот овој настан треба да не загрижува оти со години наназад со измени на закони огромен број овластувања и се одземаа на полицијата што доведе да се случуваат престрелки по улиците, рече за СТУДИО 10 поранешниот полициски инспектор Љубомир Ѓурчевски.

Тој додаде дека во политиката не смеат да учествуваат лица против кои се води кривична постапка или имале кривична одговорност оти се лесно подложни на уцена. Ѓурчевски смета дека вакви лица не би смеело да можат да регистрираат политички партии во Централниот регистар.