Дебата во 24 ОТВОРЕНО: Наш заеднички проблем е сиромаштијата, немаме големи политички проблеми

Вистинските проблеми на сите граѓани, без разлика каде живеат и од која националност се, се тоа што за 30-40 отсто посиромашни од лани, вели Селмани посочувајќи дека годинава за истите пари можеме да купиме многу помалку. И тоа се реалните проблеми на граѓаните, додава Селмани посочувајќи го енормниот раст на енергенсите - и горивата и струјата и пелетите. Вистионските проблеми во државата се економските проблеми. За среќа немаме големи политички проблеми, вели Имер Селмани во емисијата 24 Отворено.

Самоил Малчевски пак, вели дека освен кризите со кои се соочуваме, го загрижува и неработењето на Владата. Според него, оваа година имало само 54 закони изнесени пред Собранието од кои 10 се ратификации. 

-Според мене, нормално е лидерот на опозицијата и премиерот еднаш месечно да се сретнат. Тоа е во интерес на граѓаните. Не е нормално во 21 век да разговараме за парно греење, граѓаните да плаќаат и да немаат парно. Зошто Владата не размислува да им помогне на граѓаните да купат дрва кои годинава се двојно поскапи од лани?, коментира Малчевски во 24 Отворено.

Абдулади Вејсели смета дека денешната средба меѓу премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски била плодна во смисла дека се договорени некои закони што треба да бидат изласани во Собранието. - Проблемот е што ни владата ни опозицијата ни компаниите не сакаат да се откажат од луксузи, и постои опасност бизнисите да пропаднат, вели Вејсели.

Според него, секој ден се затвораат мали и средни претпријатија во кои работат повеќето луѓе. 

-Граѓаните треба да осетат дека министрите ги почитуваат етичките правила и дека работат за нив, вели Вејсели.

За случајот со Фени, Селмани коментира дека бирократијата во државата е огромна и дека е потребно многу време за да се уредат документи за отворање фотонапонски централи за сопствени потреби. И тој закон се уште не е поминат во Собранието. Тој закон делумно ќе ги сервисира потребите на домаќинствата, но прашање е дали тие ќе сакаат да вложат толку многу пари во инвестиција што ќе почне да се враќа по пет години, а без притоа да заработат од внесување на своите вишоци струја во енергетската мрежа.

-Светот е полуден. Европа нема решение ни за себе. Се обидува да пушта нуклеарни централи, да увезува гас од Африка и слично. Тоа ќе има ефект по 5 години, но колку компании и семејства ќе пропаднат во меѓувреме? Колку банките ги покачија каматите за кредитите? Ако Европа влезе во рецесија, каде ќе бидеме ние?, вели Селмани во емисијата 24 Отворено.

Вејсели порачува дека сега е време за обединување на сите сили за доброто на граѓаните.