Дебата во 24 ОТВОРЕНО: Ако го нема Ахмети, ќе ја нема ни ДУИ

Али Ахмети рече дека ништо не тлее во партијата ДУИ и со присуството на т.н. огнени се покажа дека добиле ветување дека ќе се дебатира за нивните барања. Тоа значи дека ќе се отвори една дебата и ќе се отвори повеќе демократија во партијата, рече Имер Селмани коментирајќи гги случувањата во ДУИ во 24 Отворено.

-Мислам дека откако ќе се формираат телата и ќе се дебатира дали се испорачани резултати за дадените ветувања пред изборите, дури тогаш ќе има огнена дебата, вели Селмани и додава дека е добро да се дебатира во самата партија оти така може да се отвори и поширка дебата.

Во ДУИ има незадоволни уште од времето на локалните избори, но се знаеше дека огнената група бргу ќе згасне, оти за да му се спротивстави некој на Али Ахмети треба да е посилен од него, коментира Абдулади Вејсели.

Тој вели дека ДУИ е многу повеќе од неколку градоначалници,дека силата на партијата е на парламентарните избори.

- Али Ахмети е сигурен дека Артан Груби и другите министри работат за агендата и малку е веројатно дека ќе ги замени, коментира Селмани и толкува дека со нивна замена Ахмти би покажал слабост.

Вејсели овие случувања во ДУИ ги толкува како позиционирање на дредени групи во случај Али Ахмети да се повлече.

-Членовите на ДУИ треба да знаат дека ако го нема Али Ахмети ќе ја нема партијата. Партијата е големо семејство во кое има место за сите, а како и во секое семејство има и незадоволници, вели Вејсели во 24 Отворено.

Тој додава дека целта на огнената група на ДУИ не беше смена на Артан Груби, туку целта беше смена или повлекување на Али Ахмети. Но, бидејќи групата нема доволна моќ се сврте кон кадрите избрани од Ахмети.

-Многу специфична ситуација е тоа што дел од огнените се во јавните претпријатија и локалните структури во град Скопје. Мислам дека тоа е маневар на градоначалничката да си обезбеди простор за во иднина. Ахмети сега ќе има тешка улога. Изет Меџити 20 години е во градските структури. Истото важи и за Садула Дураку и Изет Меџити кои се долго во политиката и кои се добри теренци. Оттука Ахмети посака да се сретне со нив оти тие не се за потценување, коментира Самоил Малчевски во 24 Отворено.

Не смее да се заборави ни тоа дека СДСМ даде ветување дека последните 100 дена од оваа влада премиер ќе биде Албанец. И ова прашање треба да се има предвид во смисла на позиционирање пред редовните парламентарни избори.