Дебар на врвот, Ресен, Кавадарци и Кратово со многу висока активност на вирусот на грип
Грипот коси во државата. Над 7.000 заболени од грип од почетокот на сезоната, а за една недела починаа две лица - 20 годишна девојка од Скопје и 36 годишен пациент од Демир Хисар, со што досега се регистрирани седум смртни случаи од оваа заразна болест од почетокот на сезоната на грип.
Починатите имале коморбидитети и не биле вакцинирани. Следната среда Комсијата за заразни болести на состанок ќе ја разгледа состојбата со сите заразни заболувања.
Министерството за здравство информира дека од месец ноември досега над 61.000 граѓани се вакцинирани против сезонски грип со бесплатна или комерцијална вакцина, но и понатаму остануваат препораките да се вакцинираат сите ранливи групи граѓани, почнувајќи од бебиња од 6 месеци до 5 години, возрасните над 65 години, трудници и здравствени работници.
„Вакцинацијата заштитува и претставува најдобра превентивна мерка што спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Вакцините делуваат, имаат докажана имуногеност и добра ефикасност.“ - велат од министерството за здравство.
Пикот се очекува крајот на февруари и почетокот на март. Последните анализи на Институтот за јавно здравје покажуваат дека најмногу заразени од грип во последната недела од јануари се регистрирани во Дебар, Ресен, Кавадарци и Кратово.
Но освен грип, во земјава има регистрирано и седум нови случаи на голема кашлица годинава, а меѓу нив е и двомесечно бебе. И за ова вирусно заболување здравствените власти препорачуваат сите бебиња од два месеци да почнат да ја примаат вакцината ди-те-пер, која во Македонија се прима на 2, 4, 6 и 18 месеци и на 7 години.
Меѓутоа и во регионот владее народски познатата магарешка кашлица. Најалармантно е во Србија, каде починаа четири деца, а епидемија на голема кашлица е прогласена во Белград.