Деаноски: Половина од јавниот сектор на минималец
Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во државата, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Во ваква ситуација администрацијата се повеќе останува без стручни кадри.
- Минималната плата се зголемува на оваа сума токму заради инфлацијата. Во Законот за минимална плата имаме два критериуми по кој се предвидува порастот на минималната плата секоја година, од претходната година. Тоа се порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Токму поради големата инфлација што ја имавме во 2022 година, имаме пораст од 12,5 на минималната плата. Дали тоа ќе има некаква помош на граѓаните и на вработените во државата? Мислам дека помошта ќе биде апсолутно никаква, бидејќи ние од лани до сега имавме огромна инфлација. Иако Државниот завод за статистика вели дека инфлацијата е само 14 проценти, сите сме сведоци цените на основните производи за живот во маркетите се зголемени за над 100 процени на одредени производи. Така што, усогласување на минимална плата во износ од 2.107, апсолутно нема да помогне на никој во државата, имајќи ја предвид минималната кошничка која моментално изнесува над 50.000 денари. Тоа значи дека две и пол минимални плати ќе бидат доволни да се прехрани едно четиричлено семејство, без автомобил, според параметрите по кои се пресметува минималната плата.“