Де Роси ќе застане на чело на Фиорентина
Foto

Де Роси ќе застане на чело на Фиорентина

Легендата на Рома, Даниеле Де Роси ќе ја започне својата тренерска кариера директно во Серија „А“. Новинарот на „Скај Спорт Италија“, Џанлука Ди Марцио тврди дека на поранешниот италијански интернационалец му било понудено да застане на чело на Фиорентина и тој прифатил.

Виолетовите моментално ги води Џузепе Јакини, кој го замени Винченцо Монтела во декември. Сепак, тимот продолжува со слаби игри и не е далеку од зоната за испаѓање. Во Италија се шпекулираше дека Фиорентина е заинтересирана за тренерот на Сасуоло, Роберто Де Зерби, а од вчера се споменува и името на Де Роси.

Во 2019 година, кога неговиот договор со Рома не беше обновен, Де Роси можеше да се пресели на „Артемио Франки“, но тој не сакаше да игра за друг тим во Италија и потпиша со Бока Јуниорс. Играчот од средниот ред официјално ја заврши кариерата пред неколку месеци и не крие дека планира да стане тренер. Тој сака да ги следи стапките на неговиот татко Алберто, кој долги години тренира деца на Академијата на Рома.

Лучано Спалети е исто така меѓу потенцијалните опции за нов тренер на Фиорентина, но тој сепак има договор со Интер и негово привлекување би било можно само доколку се плати оштета.

0 Коментари

Остави коментари