Де Брујне потпиша за Наполи
Белгискиот репрезентативец Кевин Де Брујне (33) официјално е нов член на италијанскиот фудбалски шампион Наполи, објави денеска клубот од Неапол.
„Кевин е горд што е еден од нас!“, објави попладнево Наполи на социјалните мрежи.
Белгискиот играч за врска му се приклучи на Наполи без обесштетување откако ги мина последните десет години во дресот на Манчестер Сити.
За англискиот клуб Де Брујне одигра 422 натпревари, постигнувајќи 108 голови, а додаде и 177 асистенции.
Со Сити освои 19 трофеи, вклучувајќи шест титули во Премиер лигата и еден трофеј во Лигата на шампионите, а двапати беше прогласен за играч на сезоната во Премиер лигата.
Во текот на кариерата настапуваше и за Волфсбург, Вердер, Челзи и Генк.
За репрезентацијата на Белгија досега одигра 111 натпревари и постигна 31 голови.