ДДВ-то за горивата засега не се чепка
Цената на нафтата на светските берзи вчера достигна нов рекорд по влошените односи помеѓу Иран и Обединетите Арапски Емирати,но, македонските власти не планираат дополнителни мерки за евентуално избегнување на нов ценовен шок. Засега според изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, ДДВ-то на горивата нема да се намалува, но уверува дека владата ќе ја следи состојбата.
Гордана Димитриевска Кочоска министерка за финансии: „Во овој момент немаме такви планови. Но тоа не значи дека тоа нема да се промени. Ги следиме состојбите, ќе видиме како ќе биде и ќе носиме одлуки на сединиците на влада. “
Во понеделникот Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на цените на горивата во земјава кои ќе бидат на сила седум дена. Бензините поскапеа за 4,5 а дизелот два денари повеќе. И ова последно поскапување на бензините и на дизелот беа резултат на турбулентните движења на нафтата во текот на претходните денови од носењето на одлуката на регулаторот, што сега дава нови сигнали за ново зголемување идниот понеделник доколку работите на Блискиот исток не доживеат целосен пресврт.

