Давитковски: Ќе ни се смеат сериозните држави, етничка припадност не се запишува во матична книга на родени
Националност во матичните книги на родените – се поделија партиите и експертите, а бугарските здруженија во земјава гледаат како да извадат ќар од контраверзното решение на Министерството за правда..
Според експертите без преседан и противуставен е подзаконскиот акт на Министерството со која националноста е задолжителна, коментираат дел од правните експерти.
Универзитетскиот професор Борче Давиткоски за ТВ 24 вели дека припадноста е автономно и субјективно право на поединецот и никаде во светот не може да биде облигаторно изјаснувањето.
„Тоа е тотално спротивно на Законот за организација и начин на работа на органите на управата каде се забележува дека министерот носи општи и конкретни акти. Упатството е акт со којшто се врши операционализација на законска одредба. Со законската одредба воопшто не е предвидено национална припадност да биде ставена во графа во Законот за матични книги така што ова кој било да го даде на Уставен суд тоа упатство ќе биде прогласено за противуставно. Ваква злоупотреба на дискрециони права досега мислам дека не е видена во нашата држава“, вели Борче Давитковски.
„Тоа е спротивно на нашите правила, а никаде ниту во Европа ниту во светот националната припадност е автономно субјективно право на поединецот, јас можам да кажам дека сум Марсовец или Еским, но тоа да биде облигаторно и да се внесе во матична книга на родени тоа е нонсенс и без преседан, никаде во светот го нема и ќе ни се смеат како што ни се смеат“, додава тој.
Од Владата велат дека за оценување на уставноста е надлежен Уставниот суд, а внесувањето на националноста се заснова врз Законот за матична евиденција.
„Графата за националност во изводите на матичните книги на родените е задолжителна и во таа насока сакаме да истакнеме дека внесувањето на националност во изводите се заснова токму со Законот за матична евиденција“, велат од Владата.
Додавањето на графата предизвка и партиски несогласувања. Откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев обвини дека министерот за правда со подзаконски акт прави демакедонизација на населението, министерот Лога возврати дека ако Македонец се изјаснува како припадник на друг народ тоа е заради бесперспективноста на државата повикувајќи го Апасиев да ги поддржи уставните измени за ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ не добиме став.
Во меѓувреме овие измени ги искористија бугарските здруженија од каде соопштија дека со впишување бугарска националност во графата ќе може да полесно да се стигне до бугарски пасош.
„Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарска националност, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно да се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари“, стои во објавата на здружението „Фондација Македонија“ на социјалните мрежи.
Образложението на Министерството за правда пак е дека додавањето на оваа графа е со цел да се избегнат злоупотребите по етничка основа при пријавување на работа на конкурси за вработување во јавниот сектор.