Давитковски: Централната власт може да ѝ одземе ингеренции но не и мандатот на градоначалничката на Скопје

Додека се погласни се повиците за оставка, одземање на мандатот и ингеренциите на скопската градоначалничка Арсовска поради  лошото менаџирање со   обврските, според дел од експертите  влегувањето во ингеренциите на Градот  ќе значи влегување во суштински и системски промени. Дополнително  законот различно ја толкува нејзината работа и мандатот.  Пензионираниот професор  по административно право и јавна администрација 

 Борче Давитковски за ТВ 24 вели дека законски централната власта може да и ги одземе ингеренциите, но  услови за одземање на мандатот нема. 

Законот за локална самоуправа, кој до 1996 година нудел можност за отповикување на градоначалник, со измените што се направени во 2002 година таквата одредба е отстранета, па градоначалникот може да биде сменет само ако е фатен во вршење кривично дело или ако настапи смрт. 

Мандатот на градоначалникот престанува по сила на закон доколку самиот поднесе оставка. Негово отповикување од функцијата не е можно. Мандатот на градоначалникот може да престане и во случај на смрт, ако со правосилна пресуда е осуден за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, ако настапи случај на неспоивост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

И претходната власт влезе во клинч со скопската градоначалничка која на позицијата дојде со поддршка од актуелната. ЛДП по бројните критики за новогодишното украсување на Скопје најави иницијатива за смена на градоначалничката преку референдум. Претходно и министерството за култура и ги одзема ингеренциите на скопската градоначалничка за универзалната сала за реконструкција на овој капитален објект кој по завршувањето повторно треба да се врати во рацете на градот.