Датум за преговори?!

Дали месец јуни ќе донесе датум за старт на преговори на Македонија и Албанија со ЕУ или криза во регионот?

Бугарија вчера остана сама наспроти 26 земји-членки во блокадата на проширувањето, а првиот дипломат на ЕУ Жосеп Борел порача дека  мора да се изврши притисок, затоа што непочнувањето преговори со Скопје и Тирана е подарок за Путин и ќе донесе криза во регионот. За експертите ова е најсилната порака досега - испратена од европски челник и треба да се сфати сериозно. 

- Пораката што ја добивме од гдинот Борел вчера најсилен израз на поддршка за почеток на преговорите односно притисок врз Бугарија да го повлече ветото и да започнат преговорите со Македонија и Албанија и на тој начин да се врати проширувањето високо на агендата на Унијата. Доколку француското претседателство даде се од себе и останатите земји членки се вклучат во решавањето на овој спор, надополнето со влијанието што веќе го имаме од САД можно е да имаме веќе некакво решение иако не би требало да подгреваме лажни надежи и преголем оптимизам. -изјави Васко Наумовски екс амбасадор.

Според амбасадорот Наумовски политичката состојба во Бугарија е комплицирана и се игра на повеќе терени, а партиите веќе се спремаат за се поизвесните нови парламентарни избори до крајот на годината и за жал билатералниот спор станува дел од таа политичка кампања- затоа сите надежи за јуни се во проамерикански ориентираниот Петков. 

- Се надевам дека ставовите на премиерот Петков и неговите позиции во однос на билатералниот спор ќе надвладеат, затоа што тој и од страна на европските партнери и од страна на САД се доживува како некој кој што има искрена желба и намера да го затвори ова прашање, а затворањето на ова прашање ќе оди и во интерес на заедничките евроинтереси и во интерес на американската надворешна политика на Балканот. - изјави Наумовски.

Борел вчера им порача на земјите членки на ЕУ и на кандидатите дека во војната со Украина нема место за неутралност и мора да се застане на вистинската страна, а оние кои оддржуваат блиски контакти со Путин немаат ништо заедничко со европската иднина. Прашањето за проширувањето пак веќе се третира како безбедносно и мора да се стартуваат преговорите за да има стабилизација на Западен Балкан.